На Свечената седница на Сенатот на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје што се одржа денеска, на 14 декември 2022 година, по предлог на Економскиот факултет и по Одлука на Сенатот на Универзитетот, на господинот Саид Сержио Мусаги му беше доделена титулата почесен доктор, Doctor Honoris Causа, поради особен придонес за развојот на економијата и на високото образование во областа на економските науки.
Господинот Сержио Мусаги, со мешано потекло од Мароко, Јемен и Португалија, дипломиран макроекономист на Универзитетот за национална и за светска економија во Софија, Бугарија, и долгогодишен пријател на Универзитетот, низ својата импресивна професионална кариера несебично и со нескриен ентузијазам ја поддржува и ја промовира македонската економија во регионот и во светот и придонесува за развој на економските образовни програми на Универзитетот.
При врачувањето на титулата, ректорот на Универзитетот, проф. д-р Аце Миленковски му посака топло добредојде на новиот член во семејството на Универзитетот за туризам и менаџмент, каде што се споделуваат универзални академски и човечки вредности, такви какви што поседува и демонстрира и самиот г-н Сержио Мусаги во својата исклучителна општествена, научна, но и хумана дејност. Тој изрази надеж дека оваа титула ќе му даде дополнителен стимул да продолжи да ги афирмира Универзитетот и Република Македонија во Европа и пошироко.
„Оваа титула ми дава уште повеќе енергија и сила да направам што е можно повеќе за вас и за вашата земја, Македонија. Македонија како мала држава има потенцијал да се развива брзо и така треба да биде во иднина. Ви посакувам на сите среќа на овој пат“, порача новиот почесен доктор на Универзитетот во своето пригодно обраќање по повод свеченото врачување на титулата.
Почесните докторати универзитетите ги доделуваат за да го изразат својот позитивен однос кон луѓето, идеите и делата, и се одраз на академската поврзаност со универзалните вредности што ги одликуваат примателите на овие почесни титули.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2168-doctor-honoris-caus#sigProId35c67e4782