Денес се одржа 8. Меѓународен научен конгрес ICONBEST 2022, кој традиционално на секои две години го организира Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје. Оваа година во организацијата партнерски му се придружија и Факултетот за менаџмент во туризмот и угостителството во Опатија при Универзитетот од Риека, Хрватска, Економскиот факултет при Универзитетот во Осиек, Хрватска Универзитетот од Орадеа, Романија, Факултет за применета екологија при Универзитетот Метрополитан, Србија и Академијата за применети технички и претшколски студии, Врање, Србија.
На годинешниов конгрес на тема „Иновативни трендови во меѓународниот бизнис и одржлив менаџмент“, топло добредојде на учениците им посака проф. д-р Зоран Ивановски, кој ја истакна важноста и неопходноста на иновациите и на одржливиот менаџмент во постигнувањето конкурентност на пазарот, особено по тектонските промени што ги предизвика пандемијата со Ковид-19. Проф. д-р Слободан Ивановиќ од Факултетот за менаџмент во туризмот и во угостителството од Осиек при Универзитетот во Риека, Хрватска, на пленарното обраќање на отворањето на Конгресот истакна дека токму персонализираните туристички услуги со богата содржина, но со истовремено задоволување на високи хигиенски и здравствени стандарди се тоа што го бараат туристите денеска, по пандемијата, а што изискува многу креативност и иновативност во пристапот.
На конгресот, учесниците ги разменија своите научни сознанија што се однесуваат, меѓу другото, на франшизата како бизнис-модел, подобрувањето на инвестициската клима, дигиталното приспособување на деловните процеси на компаниите, особено како одговор на предизвиците наметнати од пандемијата, брендирањето во функција на развој на туристичката понуда, анализи и перспективи на различни видови туризам, како на пример еколошкиот или религиозниот туризам, новите форми на организациско дејствување, и во уште многу други области поврзани со темата на Конгресот. Тие ги презентирани и најдобрите практики за подобрување на деловната клима во регионот и пошироко, а имаа и можност и да воспостават деловни контакти меѓу себе во научните области покриени со Конгресот.
Учесниците на Конгресот донесоа неколку важни заклучоци. Модното франшизирање го оценија како потенцијален модел за раст на домашните модни компании, а за последиците од пандемијата со Ковид заклучија дека таа ги промени ставот и однесувањето на општеството наметнувајќи ја потребата од усвојување на нови технологии. На бизнис-лидерите им порачаа дека треба да се фокусираат на одржлив и инклузивен раст со интегрирање на иновациите и на менаџмент со вработениот во центар во деловните процеси за да ја одржат конкурентноста на своите компании на пазарот.
Целата агенда на Конгресот, како и апстрактите на изложените научни статии се достапни на вебстраницата на ICONBEST ’22, на https://iconbest.utms.edu.mk/.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2149-icon-best-2022#sigProId7464c8795b