Вчера вечер, Арената на А1 „Борис Трајковски“ беше премала да ги собере емоциите што ги разбуди кај македонската публика светската атракција IL DIVO. Концертот на најпознатата кросовер-група го славеше животот, во сеќавање на нејзиниот покоен член Карлос Марин, кој ја изгуби битката со ковидот во 2021 година. Ние со нашите колеги бевме таму да уживаме во музичкиот раскош што го создадоа овие фасцинантни тенори.
Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент, проф. д-р Аце Миленковски на членовите на групата зад сцената им посака добредојде во нашата топла сончева земја и им посака успешен концерт. Во знак на благодарност за фантастичниот прием од публиката, IL DIVO го развea македонското сонце, нашето знаме, на сцената.
IL DIVO е комерцијално најуспешната класична кросовер-група во светот уште од своето основање во 2003 година, со продадени над 30 милиони албуми низ целиот свет. Концертот во Скопје беше дел од светската турнеја, во која групата ќе одржи 19 концерти пред своите фанови од 9 земји во сеќавање на својот покоен баритон Карлос Марин.
Ние, од Универзитетот, им благодариме за почитта што ѝ ја укажаа на нашата земја и им посакуваме уште многу успешни концерти со воодушевена публика, така како што беше на вчерашниот концерт во Скопје!