Во емисијата „Македонија наутро“ на МРТВ, на темата туризмот во Македонија, денеска гостуваше проректорот за настава на УТМС, проф. д-р Мијалче Ѓоргиевски.
Проф. д-р Ѓоргиевски истакна дека кризата во туризмот во Македонија не е директно поврзана со пандемијата и со светските случувања, туку дека трае од поодамна. Пандемијата ги затвори туристичките дестинации не само во земјата, туку во цел свет, а последната енергетската криза ги погоди хотелите со високите сметки за струја.
„Владата треба да изнајде решенија, да се премости овој период и да се помине зимата, како што беше со пандемијата, за да нема затворање на хотелите, како што има најави“, потенцираше проф. д-р Ѓоргиевски и додаде дека ако трае кризата подолг период, Владата ќе треба да изнајде подолгорочна стратегија за нејзино надминување.
„Стратегија за вонредни состојби досега немало, зашто светот беше отворен, а туризмот заедно со информатичкиот сектор беше најбрзорастечки сектор. Македонија има стратегии за туризмот, но тие ги прават странци, кои не може да ја знаат нашата состојба. Нашата институција во тој поглед никој досега не ја консултирал“, изјави проф. д-р Ѓоргиевски. Според него, науката се користи малку во Македонија, а токму таа споена со практиката, го движи светот напред.
Професорот Ѓоргиевски истакна дека туризмот во последните 20-30 се менува, на начин што класичните летни и зимски одмори стануваат помалку атрактивни и помалку застапени во однос на пократките патувања на помали групи за различни цели во текот на целата година.
„Македонија е идеална за новите трендови, за рекреативен туризам на пример. Конфигурацијата на теренот е таква, стари планини од Родопската маса. Има шанси за алтернативни форми на туризам, рурален, вински, но треба најпрво да се уреди инфраструктурата комуникациите“, се надоврза Ѓоргиевски. Тој го посочи примерот со Попова Шапка, која пред 40 години имаше жичара од Тетово до скијачките патеки. Денеска таа жичара не функционира, патот од градот по планината е лош, нема нов хотел изградено од 1989 година, нема нови содржини покрај скијачките патеки. Тој посочи дека како резултат на тоа, Попова Шапка што постоеше уште пред Копаоник и Банско, денеска е на маргините на скијачките дестинации во регионот.
Професор Ѓоргиевски се осврна и на можностите во Македонија да се развива спортскиот туризам, не само тој што е директно поврзан со спортски настани, туку и со изборот на дестинација токму поради понудените можност за спортување. Професорот Ѓоргиевски посочи дека и Билјанините извори во Охрид може да станат тоа што е Анталија во текот на зимата, дестинација за подготовка на професионалните спортисти, како е на пример денес Истатово во Дојран.
На крајот од своето гостување, проректорот за настава проф. д-р Мијалче Ѓоргиевски истакна Универзитет за туризам и менаџмент е секогаш е подготвен да придонесе таму каде што треба за да се издигне туризмот во Македонија на нивото што го заслужува, притоа создавајќи квалитетен кадар за туристичкиот сектор во Македонија и во странство.