Денеска, на Утринската програма на Телевизија Телма, гостуваше проф. д-р Сашко Граматниковски, декан на Факултетот за туризам при Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Граматниковски зборуваше за состојбата во туристичкиот сектор по пандемијата, а особено се осврна на системските проблеми со кои се соочуваме во Македонија.
Граматниковски истакна дека по пандемијата, туристичкиот сектор ја изгуби својата движечката сила – луѓето. Стручните кадри почнаа да се преквалификуваат и да ја бараат својата егзистенција во други сектори, а огромен дел од нив се одлеаја и надвор од државата. Според Граматниковски, земјава се соочува со огромен недостиг од кадар, а квалитетот на услугите драстично опаѓа затоа што работниците не се соодветно обучени и импровизираат на своите работни позиции.
Професорот истакна дека токму Универзитетот за туризам и менаџмент креира квалитетен кадар што помага да се издигнат туристичките услуги во државата на врвно ниво. Членството во Светската туристичка организација му овозможува на Универзитетот од прва рака да добива информации за светските трендови во туризмот, за проблемите со кои се соочува овој сектор, како и за најефикасните решенија за тековните предизвици.
„Кај нас не постои основната структура преку која туристички сектор би требал да функционира. На пример немаме, Национална туристичка организација. Понатаму, ако навистина сакаме да го издигнеме туризмот и да го поставиме на местото каде што би требало да припаѓа, потребно е да се создаде министерство за туризам. Не постои сериозна туристичка дестинација што нема вакво министерство“, порача деканот Граматниковски.
Според најновиот Светски туристички барометар, бројот на меѓународните туристи е тројно зголемен од јануари до јули 2022 година во споредба со истиот период од 2021 година. Во Македонија во овој период во 2022 година во однос на истиот од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 53.3%.