Како членка на Светската туристичка организација при Обединетите нации, денеска со пригоден настан во хотелот Мериот во Скопје, Универзитетот за туризам и менаџмент во го одбележа светскиот ден на туризмот. На настанот, покрај менаџерскиот тим на хотелот, учествуваа и професори и студенти од Универзитетот, како и професори и ученици од СУГС “Лазар Танев”.
Во поздравните обраќања до гостите, деканот на Факултетот на УТМС Сашко Граматниковски, и генералниот директор на Мериот Скопје, г-н Оуз Ерујгун изразија заемна благодарност за долгогодишната соработка, особено во образовниот процес на студентите, кои по практичната работа во хотелот и по завршувањето на факултетот често завршуваат како успешни вработени во хотелот.
Светскиот ден на туризмот, 27 септември, е денот кога е усвоен статутот на Светската туристичка организација во 1970 година. Во своето обраќање до гостите по повод овој ден, проф. д-р Дејан Наковски нагласи дека овогодишното одбележување на денот е посветено на преобмислувањето на туризмот – така што да ги задоволи новите потреби на туристите што резултираа од светската здравствена криза, а која темелно го промени светот. Новите цели за развојот на туризмот треба да ги имаат луѓето во центарот, треба да со здаваат нови работни места, треба да демонстрираат грижа за планетата земја и да го поттикнуваат локалниот економски развој.
Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје пред гостите го претстави г-н Горан Апостоловски, докторанд и еден од студентите од првата генерација на Универзитетот, кој ги истакна неговите предности: меѓународна призната диплома, единствена методологија на работа развиена под менторство на реномираниот Универзитет во Ријека, објективност при оценувањето, поврзаност на теоријата и на практиката при студирањето, препознаен квалитет потврден преку многу признанија од домашни и меѓународни институции. Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје е и единствена членка од Македонија во светската туристичка организација, од која во 2013 година доби диплома за квалитет во образованието (TedQual).