Денеска, во амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, на професорите и на вработените им се обрати проф. д-р Хикмет Азизоглу, основач и претседател на Извршниот одбор на Меѓународниот совет на универзитети со седиште во Анкара.
Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, проф. д-р Аце Миленковски, по предлог на проф. д-р Азизоглу, е избран за член на Одборот на директори, највисокото управно тело на Советот. Продолжувањето на оваа соработка, која започна во 2019 година, а која беше привремено прекината со пандемијата со Ковид-19, беше повод за посетата на проф. д-р Хикмет Азизоглу, писател, поет и хуманист по вокација, основач и претседател на оваа организација. Проф. д-р Азизоглу ја изрази својата благодарност до ректорот Миленковски за срдечниот пречек при посетата и за неговиот личен ангажман во Советот, а му се заблагодари и на целокупниот колектив на Универзитетот за продуктивните средби во текот на посетата.
Во своето обраќање во амфитеатарот на Универзитетот, проф. д-р Азизоглу истакна длабока увереност дека ректорот Миленковски, со своите лидерски способности и визија за развојот на образованието и на општеството во целост, ќе даде непроценлив придонес во работата на Советот. Водејќи се од личното убедување дека колку и да сме различни по бојата на кожата, религиската, политичката или етничката припадност, сепак сме сите членови на едно големо семејство - човештвото, проф. д-р Азизоглу нагласи дека токму Македонија е олицетворение на ова негово убедување, а туризмот е тој што овозможува културно зближување на различностите. Оттука и неговата убеденост дека ректорот Миленковски и Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје ќе одиграат клучна улога во работата на организацијата.
Мисијата на Меѓународниот совет на универзитети со седиште во Анкара, во кој членуваат над 500 универзитети од 35 држави од целиот свет, е да обезбеди форум за академска соработка на високообразовните институции од целиот свет промовирајќи размена на знаења и искуства и заеднички образовни иницијативи. Советот се рангира како петти по големина во светски рамки меѓу организациите со сличен карактер. Со него управува извршен одбор од 11 ректори, а во другите негови раководни тела се ангажирани докажани членови на академската заедница, но и такви што имаат важна улога во политичкиот живот во сопствената земја.
На следното генерално собрание на Меѓународниот совет на универзитети, кое ќе се одржи на 30 септември 2022 година во Анкара, ќе учествува и делегација од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.
https://utms.edu.mk/vesti/opsti/2117-rektorot-milenkovski-chlen-na-odborot-na-direktori-na-megjunarodniot-sovet-na-univerziteti#sigProId74b2cf0950