Денес во Скопје почина проф. д-р Миколај Кузиновски, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје.
По тој повод вработените од Универзитетот за туризам и менаџмент изразуваат длабоко сочусво до семејството.
Професорот Кузиновски учествуваше во делот на образовниот процес, настава на прв, втор и трет циклус на студии на Машинскиот факултет и важеше за еден од исклучителните истражувачи во полето на науката.
Од општествената јавност беше оценет како еден од најдобрите познавачи на состојбите во Високото образование, оставајќи непроценливо богатство во развојот на Бирото за метрологија, Советот на Институтот за акредитација на Република Македонија и особено како заменик претстедател на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование на Република Македонија. Своите визии и прогресивни идеи за подобрување на состојбите јасно ги изразуваше и беше посветен на отворање дијалог за имплементација на подобрувањата, не само на матичниот универзитет, туку и на други универзитети, меѓу кои и Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.
Неговото заминување ќе остави длабоки празнини не само во академската и студентската јавност, туку воопшто и во целата општествена јавност, но ќе останат неговите дела да сведочат за големината на проф. Кузиновски. Студентите и неговите соработници се тие кои ќе го продолжат делото на проф. Кузиновски.