50-тина студенти и вработени на Универзитетот за туризам и менаџмент - Скопје, од 17.01 до 25.01.2012-та престојуваа во Мадрид, како дел од практичната настава, реализирана на врвни светски манифестации, како саемот за туризам во Мадрид и врвни меѓународни институции, како специјален семинар за УТМС во Светската Туристичка Организација на Обединетите Нации.
УТМС како член на Светската Туристичка Организација на Обединетите Нации (UNWTO), единствен од Македонија, за своите студенти и дел од вработените, успешно реализира едно-неделен научно-истражувачки практикум во Мадрид. И тоа не случајно, туку од причина што во Мадрид е седиштето на UNWTO, а во тоа време се одржува и еден од најголемите светски саеми за туризам. За екслкузивноста на овој вид практична настава на УТМС, што ниеден друг универзитет во Македонија не може да го понуди, говорат следниве факти:
Активности:
• Посета на ФИТУР 2012, меѓународен саем за туризам во Мадрид (сите вработени и студенти)
• Деловен состанок со Хавиер Бланко, извршен директор на придружните членки на UNWTO (ректорот на УТМС, Аце Миленковски и деканот на ФТС, Сашко Граматниковски)
• Посета и работен семинар за студентите на УТМС организиран од UNWTO.
Остварени средби
Талеб Рифаи, генерален секретар на UNWTO,
Золтан Сомоѓи, извршен директор за односи со членките на UNWTO,
Хелдер Томас, заменик извршен директор за Африка
Предавачи на семинарот
Хавиер Бланко, извршен директор на придружните членки на UNWTO, Мариа Изабел Гарања, извршен директор за Европа, Мишел Жулиан, маркетинг, компетитивност и трговија во туристичките сервиси, Луиџи Кабрини, директор на секторот за одржлив развој на туризмот, Питер Џордан, придружни членови на UNWTO Лаура Егидо, ПЛАТМА.
• Посета на Амбасадата на Р. Македонија и средба со неговата екселенција амбасадорот на Р. Македонија во кралството Шпанија, Методија Белевски,
• Посета на музејот на стадионот Сантиаго Бернабе, следење на натпреварот Реал Мадрид – Барцелона и натпреварот Реал Мадрид - Атлетико Билбао,
• Посета на културните и забавните знаменитости на Мадрид (Кралската палата, Кралската градина Катедралата, музеите Прадо и Тисен, плоштадите, Мајор, Де Виља и Сол, паркот Еуретарио и паркот на Атракциите, зоолошката градина)
• Присуство на Фламенко вечер
Три главни активности ја одбележаа посетата на УТМС на Мадрид:
1. Посетата на саeмската манифестација ФИТУР 2012
Поделени по групи, според факултетите што ги посетуваат и интересот, студентите, предводени од своите предавачи по одредени предмети, два дена ги посетуваа саемските хали на ФИТУР 2012. Она што е предмет на настава на факултетите на УТМС, сега можеше да се проверува и надоградува и низ практичните примери. Маркетиншка промоција, изглед на штандови, брендирање, анимација за одредена земја или дестинација, начинот на презентација и комуникацијата со јавноста. Запознавање со земји од Америка, Азија, Африка, Европа, тур оператори, глобални компании во туристичката индустрија, и со еден збор, се она што не може да се види на регионалните саеми, кои редовно ги посетуваат студенти од УТМС. Интересот на студентите беше забележителен и низ спроведените разговори и анкети со дел од излагачите, и преку собирањето пропагандни материјали, кои ќе им бидат од корист во натамошното студирање, но и во идното работење.
2. Работната средба меѓу Ректорот на УТМС проф. д-р Аце Миленковски, деканот на ФТС доц. д-р Сашко Граматниковски и Извршниот директор на придружните членки на UNWTO Хавиер Бланко, во седиштето во Мадрид.
На средбата беше разгледана досегашната активност на Универзитетот за туризам и менаџмент во рамките на Светската туристичка организација при Обединетите нации. Беше нагласена важноста на нашето членство во оваа престижна организација од аспект што сме единствените членки од Р. Македонија и се разгледуваа конкретни активности во иднина кои би биле од посебно значење за Универзитетот и за Р. Македонија од областа на туризмот.
3. Семинарот на UNWTO одржан за студентите на УТМС
Во седиштето на Светската туристичка организација на Обединетите Нации беше организиран официјален пречек за претставниците на Универзитетот и на студентите им се обратија највисоките претставници на организацијата.
Почесно обраќање имаше директорот на придружните членки на UNWTO, г-днот Хавиер Бланко, кој во неколку точки објасни што всушност претставува туризмот и зошто и за време на економската криза како посебен сектор се развива во прогресивен правец. Со посебно задоволство г-динот Бланко на студентите им ги пренесе позитивните импресии од неговата посета на Македонија, во април 2011, како гостин на УТМС и нагласи дека е особено горд што Универзитетот за туризам и менаџмент е член на UNWTO.
Следеа обраќања од повеќе претставници на Светската туристичка организација меѓу кои и директорката на регионалната програма за Европа, г-ѓа Мариа Изабел Гарања (Maria Isabel Garana). На студентите им беа претставени глобалните трендови во туризмот како и резултатите од најсовремените истражувања од оваа област.
Г-динот Луиџи Кабрини (Luigi Cabrini), директор на секторот за одржлив развој во туризмот на студентите им пренесе дел од истражувањата во врска со климатските промени и нивното влијание во туризмот, а притоа ја истакна и потребата од континуирано следење, планирање и прилагодување кон овие промени.
За трендовите во туризмот и за маркетинг стратегиите говореше г-динот Мишел Жулијан (Michel Julian) наведувајќи ги иновативноста и технолошките промени како круцијални за развој на туризмот.
Кратко обраќање имаше и г-ѓа Лаура Едиго (Laura Edigo), која говореше за тоа што всушност претставува ПЛАТМА, а воедно го нагласи и значењето од тоа да се биде дел од оваа глобална платформа за комуникаци.
Завршен збор имаа студентите кои со своите прашања придонесоа за интерактивна дискусија, а претставниците на организацијата со особено задоволство ги разјаснуваа сите нејаснотии од областа на туризмот.
Претставниците на UNWTO се интересираа за развојот на туризмот во Македонија и регионот и притоа говореа и за начините и програмите со кои оваа организација може да помогне да се унапреди оваа се позначајна стопанска гранка.
На крај може да се заклучи дека семинарот „Мадрид 2012“, помина во најдобар ред и беше исклучително корисен како за студентите така и за целата институција. Ова беше уште една конкретна потврда за ексклузивноста на УТМС, не само во Македонија, туку и на меѓународно ниво, како и за привилегиите што ги имаат студентите во рамките на наставата, но и во практичниот дел од студирањето.
Инаку, вреден за нагласување е и фактот што овој научно-истражувачки практикум, во делот на резервациите, сместувањето и сите трансфери, беше во комплетна организација на ФТС – Травел, туристичка агенција која работи во составот на УТМС и ја раководат и во неа работат поуспешните студенти токму од Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје.
utms-na-ekskluziven-nauchno-istrazhuvachki-praktikum-vo-madrid
https://utms.edu.mk/vesti/megjunarodni-saemi-i-praktikumi/300-utms-na-ekskluziven-nauchno-istrazhuvachki-praktikum-vo-madrid#sigProIde76dbc71d2