Во рамките на програмата за гости- предавачи на Универзитетот за туризам и манаџмент во Скопје на 27.03.2018 година, експертско предавање одржа амбасадорот на Р. Унгарија во Р. Македонија, Неговата Екселенција, д-р Ласло Иштван Дукс, кој пред студентите, вработените и учениците од СУГС „Никола Карев” и СУГС „Георги Димитров” говореше на тема: „Туристичките и економските потенцијали на Р. Унгарија”. Апликативната презентација, Н. Е. д-р Ласло Иштван Дукс, ја започна со приказ на економските индикатори за Р. Унгарија кои покажуваат континуиран развој на ГДП во Р. Унгарија, намалување на невработеноста и буџетскиот дефицит. Исто така, амбасадорот ја истакна развиента сообраќајна инфраструктура како значаен предуслов за целокупниот стопански и туристички развој на земјата. Од туристичките потенцијали ги потенцираше главниот град, Будимпешта, како стожер на туризмот во Унгарија, како и езерото Балатон, како центар на крајбрежниот туризам. Не помало значење ѝм даде и на туристичките места од светско културно наследство, музичките фестивали, гастрономијата, како и винските патишта. Во текот на предавањето дел од студентите поставија прашања за актуелните трендови во туристичката индустрија.