Денеска на Универзитетот Скопје, Роберт Скот Хејзлет, директор на Националниот демократски институт за меѓународни работи (NDI) во Македонија, преку активна интеракција со студентите, одржа гостинско предавање за демократијата и за граѓанско учество во градењето на јавните политики во едно општество.
На предавањето, кое започна во 11:00 часот во Амфитеатарот на Универзитетот, Хејзлет истакна дека клучно за една демократија е независноста на законодавната од извршната власт, а дека активното учество на граѓанското општество во процесите на донесувањето на јавните политики е најмоќната стратегија за спречување на корупцијата во политиката.
Роберт Скот Хејзлет, директор на НДИ во Македонија, има долгогодишно искуство во политичкиот живот на Соединетите Американски Држави. Тој лично водел и учествувал во неколку кампањи за претседателски, гувернерски и конгресни избори. Институтот кој го раководи ги поддржува процесите за зајакнување на капацитетите на македонското Собрание како репрезентативно тело на граѓаните и законодавен дом на државата уште од 1991 година.
Гостинските предавања се редовна практика и дел од методологијата на работата на Универзитетот Скопје, кои им овозможуваат на студентите да учат од искуствата на најдобрите, истакнати и препознаени професионалци во областа.
https://utms.edu.mk/vesti/gosti-predavachi-i-ambasadori/2448-gostinsko-predavanje-na-robert-skot-hejzlet-direktor-na-ndi-vo-makedonija#sigProId8a89250239