Во рамки на програмата за гости-предавачи на Универзитетот за туризам и манаџмент во Скопје, на 28.11.2022 година, предавање одржа амбасадорот на Кралството Шпанија во Македонија, Н.Е. Хозе Луис Лозано Гарсија. На предавањето, амбасадорот ја претстави својата земја како туристичка дестинација, особено осврнувајќи се на спортскиот туризам како еден од заштитните обележја на Шпанија.
„Фудбалот и спортскиот туризам се наши врвни приоритети како земја”, истакна амбасадорот Гарсија.
За туристичките вљубеници, секое патување во Шпанија е нов предизвик да се откриваат убавините на атрактивниот Пиринејски Полуостров.
„Кај нас може да ги почувствувате ритамот на тангото и на коридата, да се запознаете со карактеристичната шпанска архитектура, но и во живо да ја доживеете историјата низ вековите”, додаде амбасадорот Гарсија и ги покани студентите на нашиот Универзитет да ја искористат првата можност што ќе ја имаат да ја посетат прекрасната Шпанија.