OSense O-Sense
OSense O-Sense
OSense O-Sense

НА УТМС ОДРЖАН СВЕЧЕН АКАДЕМСКИ ЧАС СО СТУДЕНТИТЕ НА ВТОР ЦИКЛУС СТУДИИ

На Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, денес, 11-ти Февруари, 2017 година, се одржа првиот свечен академски час, со што беше одбележан почетокот на наставата за студентите запишани на втор циклус студии во академската 2016-2017 година.

Во Амфитеатарот на Универзитетот, на студентите на последипломски студии, со пригодна реч им се обрати ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, проф. д-р Аце Миленковски. Во своето обраќање Ректорот посебно ја истакна посветеноста на наставниот кадар во реализацијата на квалитетна настава со примена на методологијата на студирање по кредит трансфер системот на Болоњската декларација, потенцирајќи ја уникатноста на УТМС како единствен Универзитет кој доследно го спроведува ЕКТС системот на студирање. Во понатамошното излагање, Ректорот истакна дека студентите ќе се стекнат со конкурентни компетенции кои ќе им овозможат активно и престижно напредување во професионалните кариери.

По пригодното обраќање на Ректорот на Универзитетот за туризам и менаџмент, веб администраторот на студентите им презентираше како функционира Е-студент, т.е. екстерниот портал од веб страната наменет за студентите преку кој ги добиваат сите информации во електронска форма, како и функционирањето на Е-Библиотека. Потоа следуваше врачување на Е-индексите на студентите од страна на Деканите на факултетите.

По завршувањето на свечениот час студентите од секој факултет имаа одделни средби со Деканите на кои беа информирани за идни активности во академската 2016-2017 година.

По средбата со Деканите, студентите од сите факултети на Универзитетот присуствуваа на предавањето по предметот “Методологија на научно истражувачка работа“ од проф. д-р Зоран Ивановиќ, редовен професор на Факултетот за менаџмент во туризмот и угостителството, на Универзитетот во Риека.